Loading...
Larger font
Smaller font
Copy
Print
Contents

Воспитување

 - Contents
  • Results
  • Related
  • Featured
No results found for: "".
  • Weighted Relevancy
  • Content Sequence
  • Relevancy
  • Earliest First
  • Latest First
    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents

    БИБЛИСКА НАСТАВА И ПРОУЧУВАЊЕ

    „Приклони го своето уво кон мудроста; Барај ја како сокриена ризница.”
    Мудри изреки 2,2.4

    Исус ги проучувал Писмата во детството, во младоста и во зрелиот период. Како дете, Тој секојдневно учел од пророчките свитоци во скутот на својата мајка. Во младоста, раното утро и вечерниот самрак, често го затекнувале сам како поминува тивки мигови во молитва и проучување на Божјата Реч на падините на ридовите или меѓу дрвјата во шумата. Во текот на неговата служба, неговото длабоко познавање на Писмата сведочело дека вредно ги проучувал. А бидејќи се здобивал со знаење на ист начин на кој и ние се здобиваме, неговата прекрасна сила, и душевната и духовната, е сведоштво за вредноста на Библијата како воспитно средство.EdM 191.1

    Давајќи ја својата реч, нашиот небесен Татко не ги заборавил децата. Каде во сё она што го напишале луѓето може да се најде нешто што има такво дејство врз срцето, нешто што толку го буди вниманието на малечките како што тоа го прават приказните од Библијата?EdM 191.2

    Со овие едноставни приказни, можат да се разјаснат големите принципи на Божјиот закон. Така, со илустрации кои се најдобро прилагодени на детското разбирање, родителите и учителите можат мошне рано да почнат да го исполнуваат Господовиот налог кој се однесува на неговите уредби: „Пренесувај им ги на децата свои и говори за нив. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш” (5. Мојсеева 6,7).EdM 192.1

    Употребата на сликовити објаснувања, училишни табли, географски карти и слики помага овие поуки да се објаснат и да се врежат во сеќавањето. Родителите и наставниците мораат постојано да се трудат да ги усовршат своите методи. Во библиската настава треба да се применат нашите најскапоцени мисли, нашите најдобри методи и да се вложат нашите најсериозни напори.EdM 192.2

    Будењето и јакнењето на љубовта кон проучувањето на Библијата многу зависи од начинот на кој се ползуваат миговите за богослужение. Миговите на утринското и вечерното богослужение би требале да бидат најмилите и највредни мигови на денот. Мора да се разбере дека во тие мигови не смееме да се занимаваме со мачни и непријатни мисли, дека родителите и децата се собираат да го сретнат Исус и да ги повикаат светите ангели во нивниот дом. Богослуженијата треба да бидат куси и полни со живот, прилагодени на потребите, и понекогаш во нив треба да има промени. Сите да учествуваат во читањето на Библијата, да го учат и често да го повторуваат Божјиот закон. Децата ќе бидат многу повнимателни ако понекогаш им се дозволи сами да го одберат четивото. Поставувајте им прашања за четивото и дозволете им и тие да прашуваат. Употребете илустрации кои ќе помогнат да се објасни значењето на текстот. Ако богослужението со тоа не се продолжи премногу, нека малечките учествуваат во молитва, нека се соединат во песна, дури и ако е само една строфа.EdM 192.3

    За ваквото богослужение да биде она што би требало да биде, треба да се обрне внимание на неговата подготовка. Родителите треба секојдневно да изделуваат време за проучување на Библијата со своите деца. Нема сомневање дека ќе мораме да вложиме напор, да планираме и да се жртвуваме за да го постигнеме тоа; но трудот ќе биде богато награден.EdM 193.1

    Бог им заповеда на родителите да ги чуваат неговите уредби во своите срца за да бидат подготвени да им ги пренесат на другите. Тој вели: „Овие зборови, што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Пренесувај им ги на своите деца…” (5. Мојсеева 6,6.7). За да ги заинтересираме нашите деца за Библијата, ние самите мораме да бидеме заинтересирани за неа. За да разбудиме кај нив љубов за проучување на Библијата, ние самите мораме да го сакаме тоа. Нашето поучување ќе влијае врз децата само онолку колку што сме го поткрепиле со нашиот личен пример и дух.EdM 193.2

    Бог го повикал Авраам да биде учител на неговата Реч, Тој го избрал да биде татко на голем народ, затоа што видел дека Авраам ќе ги научи своите деца и домашните на принципите на Божјиот закон. Она што му давало сила на поучувањето на Авраам било влијанието на неговиот личен живот. Неговото големо домаќинство имало повеќе од илјада души, мнозина од нив биле глави на семејства, а имало и многу новообратеници од незнабоштвото. Едно такво домаќинство барало цврста рака на кормилото. Не би имало полза од слаби и колебливи методи. Бог му рекол на Авраам: „Зашто Јас го познавам него, тој ќе ги поучува своите деца и својот дом после него!” (1. Мојсеева 18,19). Сепак, тој својата власт ја применувал со таква мудрост и нежност што ги придобивал срцата. Ова е сведоштвото на божествениот Набљудувач: „И тие ќе се придржуваат на Господовите патишта и ќе извршуваат суд и правда!” (1. Мојсеева 18,19). Влијанието на Авраам се ширело и надвор од неговиот дом. Каде ў да го подигал својот шатор, тој покрај него подигал и олтар за жртви и богослужение. Кога шаторот ќе се тргнел, олтарот останувал; многу ханански номади, кои своето знаење за Бога го добиле врз основа на животот на Авраам, неговиот слуга, би застанувале крај олтарот да му принесат жртва на Господа.EdM 193.3

    И денес поучувањето на Божјата Реч не би било ништо помалку делотворно кога би нашло верен одраз во животот на учителот.EdM 194.1

    Не е доволно да се знае што другите мислеле или слушнале за Библијата. На судот секој ќе мора да положи сметка пред Бога за себе, и затоа сега секој мора сам да научи што е вистина. Но, за проучувањето да биде делотворно, мора да се разбуди вниманието на ученикот. Ова особено не смеат да го загубат од вид оние кои мораат да се занимаваат со деца и младинци кои се многу различни по своите склоности, воспитување и начин на размислување. Поучувајќи ги децата за Библијата, можеме да постигнеме многу ако ги набљудуваме нивните склоности, она за што се заинтересирани, и ако го привлечеме нивното внимание со она што Библијата го вели за нив. Оној кој нё создал со различни склоности, во својата Реч подготвил по нешто за секого. Кога учениците ќе видат дека библиските поуки се однесуваат и на нивниот живот, поучете ги да ја прифатат Библијата за советник.EdM 194.2

    Исто така, помогнете им да ја вреднуваат нејзината прекрасна убавина. Многу книги без никаква вистинска вредност, книги со возбудлива и нездрава содржина, се препорачуваат за читање или во најмала рака се дозволуваат поради нивната наводна литературна вредност. Зошто би ги упатувале нашите деца да пијат од тие загадени потоци кога можат да имаат слободен пристап кон чистиот извор на Божјата Реч? Богатството, силата и длабочината на библиската мисла се неисцрпни. Охрабрете ги и децата и младите да ги истражуваат нејзините сокровишта на мислата и изразот.EdM 195.1

    Додека убавината на овие скапоцени вистини ги привлекува нивните мисли, нивните срца ќе дојдат во допир со силата која ќе ги омекне и ќе ги плени. Тие ќе бидат привлечени кон Оној кој на тој начин им се открил. И само малкумина нема да посакаат да се запознаат подобро со Неговите дела и патишта.EdM 195.2

    Оние што ја проучуваат Библијата треба да бидат поучени да ја земаат в раце со дух да бидат поучувани. Ние мораме да ги истражуваме нејзините страници, не за да го докажеме своето мислење, туку за да дознаеме што вели Бог.EdM 195.3

    Вистинско познавање на Библијата може да се добие само со помош на Светиот Дух преку кого Речта и била дадена. За да го добиеме тоа знаење, мораме да живееме според него. Ние треба да послушаме сё што Божјата Реч заповеда. Смееме да бараме сё што таа ветува. Со нејзина сила, ние мораме да го живееме животот кој таа го пропишува. Библијата може да се проучува со успех единствено кога ў се пристапува на таков начин.EdM 195.4

    Проучувањето на Библијата од нас бара најсесрден напор и постојано размислување. Како што копачот бара златни жили во земјата, така и ние мораме со истата сериозност и истрајност да трагаме по богатството на Божјата Реч.EdM 195.5

    Во секојдневното проучување, методата стих по стих е често најкорисна. Оној што проучува треба да земе еден стих и да го сосредоточи својот ум за да пронајде што му говори Бог нему во тој стих, а потоа да се занимава со таа мисла сё додека потполно не ја разбере. Ваквото проучување на еден отсек, сё додека неговото значење не стане јасно, е многу повредно од читање многу глави без некаква одредена цел и без добивање одредени поуки.EdM 196.1

    Една од основните причини за душевната немоќ и слабоста на духот е недоволната насоченост кон вредните цели. Ние се фалиме со широката распространетост на литературата; но умножувањето на книгите, дури и на оние кои сами по себе не се штетни, може да стане вистинско зло. Изложени на страшна поплава од печатен материјал, кој постојано излегува од печат, старите и младите стекнуваат навика да читаат брзо и површно, а умот ја губи способноста да мисли поврзано и живо. Освен тоа, голем дел од списанијата и книгите кои, како жабите во Египет, ја преплавуваат земјата, не е само претеран, празен и штетен, туку и порочен и унижувачки. Нивна цел не е само да го отрујат и упропастат умот туку и да ја расипат и уништат душата. Умот и срцето кои се немарни и бесцелни, паѓаат како лесен плен на злото. Габите растат токму врз болните, безживотни организми. И токму невработениот ум е работилница на сатаната. Умот треба да се насочува кон високи и свети идеали, животот да добие благородна цел, смисла со која ќе биде сосема окупиран, па злото тешко ќе се пробие.EdM 196.2

    Потоа, младите треба да се учат внимателно да ја проучуваат Речта. Кога душата ќе ја прифати, таа ќе се покаже како моќна пречка за искушението. Псалмистот изјавува: „Во срцето го запазив твојот збор, за да не згрешам против Тебе!” „Според зборовите на твојата уста, се сочував од патиштата на насилниците” (Псалм 119,11; 17,4).EdM 196.3

    Библијата се толкува самата себеси. Библиски стих мора да се споредува со библиски стих. Оној што ја проучува Библијата мора да се научи да ја набљудува како целина, и да го согледа заемниот однос на нејзините делови. Тој треба да се запознае со нејзината голема централна тема, со Божјата првична намера со светот, со потеклото на големата борба и со делото на спасението. Треба да ја разбере природата на двата принципи кои се борат за превласт и да научи да го следи нивното делување во извештаите на историјата и пророштвата сё до големиот завршеток. Треба да види како оваа голема борба го проникнува секој степен на човечкото искуство; како и тој самиот во секое свое животно дело ја открива или едната или другата од овие две спротивни побуди; и како, го сакал тој тоа или не, тој уште сега одлучува на чија страна ќе се најде во овој судир.EdM 197.1

    Секој дел од Библијата настанал со божествено вдахновение и служи за полза. На Стариот Завет треба да му се посвети исто внимание како и на Новиот. Додека го проучуваме Стариот Завет, ќе пронајдеме живи извори кои избиваат онаму каде немарниот читател гледа само пустина.EdM 197.2

    Книгата на Откровението, поврзана со книгата на пророк Даниел, бара посебно проучување. Секој богобојазлив учител треба да размислува како најјасно да го разбере и објави Евангелието кое самиот Спасител дошол да му го објави на својот слуга Јован — „Откровение на Исуса Христа, што Бог му го даде, за да им покаже на своите слуги, што треба да стане скоро” (Откровение 1,1). При проучување на Откровението никој не треба да се обесхрабри што неговите симболи се, навидум, таинствени. „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја моли од Бога, кој им дава на сите изобилно и без укор” (Јаков 1,5).EdM 197.3

    „Блажен е кој чита, и блажени се кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу” (Откровение 1,3).EdM 198.1

    Кога ќе се разбуди вистинска љубов кон Библијата, и кога оној што ја проучува ќе почне да согледува колку е широко нејзиното поле и колку се скапоцени нејзините богатства, тој ќе посака да ја исползува секоја можност да се запознае со Божјата Реч. Проучувањето на Библијата нема да биде ограничено на некое посебно време или место. Тоа постојано проучување е едно од најдобрите средства за негување љубов кон Писмото. Ученикот треба секогаш да ја има при себе својата Библија. Кога имате можност, читајте и размислувајте за она што сте го прочитале. Додека одите по улиците, чекате на железничка станица, додека чекате некого, искористете ја можноста да извлечете неколку скапоцени мисли од сокровиштето на вистината.EdM 198.2

    Големите движечки сили на душата се верата, надежта и љубовта; и ако Библијата правилно се проучува, таа ги буди токму овие сили. Надворешната убавина на Библијата, убавината на мислата и изразот, се само заднина, ако така може да се рече, за нејзиното вистинско богатство — убавината на светоста. Во библискиот извештај за луѓето кои оделе со Бога можеме да ѕирнеме во одблесоците на Неговата слава. Во Оној, кој е „сиот убав”, ние го гледаме Него, кого сета убавина на Земјата и небото само благо го одразуваат. „А Јас - кога ќе бидам издигнат од Земјата”, рекол Тој, „ќе ги привлечам сите кон себе” (Јован 12,32). Кога проучувачите на Библијата гледаат во Спасителот, тогаш во душата се буди таинствената сила на верата, обожавањето и љубовта. Гледајќи го постојано Христовиот лик, набљудувачот станува сё посличен со Оној кого го обожава, Зборовите на апостол Павле стануваат јазик на душата: „Јас и сега сметам сё за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ… за да го познавам Него, и силата на неговото воскресение, и учеството во неговите страдања” (Филипјаните 3,8-10).EdM 198.3

    Изворите на небесен мир и радост кои се отвориле во душата преку словото на Вдахновението, ќе станат моќна река на влијание од благослов за сите кои ќе дојдат во нејзина близина. Денешната младина, младината што расте со Библија во раката, треба да стане примател и пренесувач на нејзината животворна сила! Какви потоци од благослов тогаш би потекле во светот — влијанија, чија моќ да исцелуваат и тешат ние одвај да можеме да ги разбереме — реки од жива вода, извори „кои течат во живот вечен!”EdM 199.1

    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents